Средношколците од Струга со мирен марш им оддадоа почит на загинатите во несреќата во Кочани, истовремено изразувајќи го својот револт кон состојбите во системот и присуството на корупцијата.
Со транспаренти на кои беа испишани пораки како: „Некој мора да сноси одговорност“, „Безбедноста е право, а не привилегија“, „Да не дозволиме да се повтори“, „Глас сме на оние што не можат да зборуваат“ и „До кога младите ќе гинат?“, тие испратија порака дека корупцијата мора да биде искоренета, а системот реформиран за да се спречат вакви трагедии во иднина. Средношколците нагласија дека сакаат да ја градат својата иднина во својата татковина, но за тоа мора да се чувствуваат безбедно.
„Денес сме тука за да ја искажеме нашата болка, да споделиме мисли, очекувања и негодување. Мирниот марш е наш начин да покажеме дека утре секој од нас може да биде жртва. Ние сме младоста, ние сме иднината на оваа земја“, истакнаа учесниците.
Тие додадоа дека младите треба да продолжат да се борат за промени, да бидат храбри и упорни во барањата за праведен систем. „Сите бевме потресени. Корупцијата мора да престане, треба правда за сите“, рекоа тие.
Средношколците се собраа најпрвин за да изразат сочувство за загинатите во Кочани, но и за да го покажат својот протест против нефункционалниот систем, кој, според нив, одзема невини животи. Тие истакнаа дека ова не е прв случај на трагедија поради негрижа и корупција, наведувајќи ги претходните несреќи како примери на системски пропусти. „Животите на млади луѓе згаснаа за една ноќ, а со нив исчезнаа и нивните соништа. Не смееме да дозволиме ваквите трагедии да продолжат. Време е да преземеме нешто и да направиме промена“, порачуваат тие.
Маршот доби поддршка и од родителите на средношколците, кои споделија исти ставови – дека е неопходна промена, бидејќи, како што велат, во државата недостигаат ред, дисциплина и стабилен систем.
„Со секоја нова влада гледаме нови богаташи, а со секои нови избори – нови жртви. Доволно е! Ги гледавме трагедиите со Дурмо Турс, Беса Транс, модуларната болница, а сега и ова. Се прашуваме дали нашите деца ќе се вратат дома живи и здрави. Живееме во земја со многу слободи, но без мир. Време е да се разбудиме и да бараме промени, сите заедно, без поделби“, изјави стружанката Елизабета Пинтоска.
Пред почетокот на маршот беше потенцирано дека протестот ќе биде мирен и без инциденти, а учениците, по неговото завршување, се вратија на своите училишни обврски.
Маршот започна пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, продолжи по кејот на реката Црн Дрим, низ струшката Чаршија и заврши на почетната локација.