– Преку отсекот за превенција, СВР Охрид, во недела, на 11-ти февруари 2024 година, ќе ја отпочне новата превентивна сообраќајна кампања „Советуваме, не казнуваме“.
Се работи за кампања што ќе се спроведе во соработка со полициски службеници од полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел, зголемување на степенот на безбедносната култура и совеста кај сите учесници во сообраќајот, пред се кај возачите на патнички и други моторни возила. Предвидено е, поставување на сообраќајни пунктови на сообраќајниците во и надвор од населените места, каде низ непосреден контакт со возачите, ќе им се укаже на прекршокот што го направиле при што, ќе нема изрекување на казна туку, низ кратки совети, на возачите ќе им се укаже на потребата од внимателно и совесно управување со возилата, придржување до сообраќајните правила и прописи и поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, информираат од СВР Охрид.
На возачите ќе им бидат поделени едукативни флаери со кратки совети за одговорно возење и учество во сообраќајот. Од советодавните превентивни мерки во оваа кампања, ќе бидат исклучени оние возачи кои, ќе се затекнат како управуваат моторни возила под дејство на алкохол или наркотици. Тие, веднаш ќе бидат исклучени од сообраќај, ќе им се одземат возачките документи и ќе им бидат поднесени соодветни платни налози.
Од СВР Охрид потенцираат дека преку отсекот за превенција, самостојно но и во соработка со РСБСП, имаат реализирано околу 100 превентивно едукативни кампањи за побезбеден сообраќај насочени кон потребата од користење зимска опрема, некористење мобилни телефони, паркирај совесно, стави појас, безбедно со трактор, а посебни едукативни програми се реализирале за најмладите учесници во сообраќајот.