Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека војната во Иран е „практично завршена од воен аспект“, со што навести дека засега не планира да нареди продолжување на бомбардирањата врз Исламската Република. Сепак, тој порача дека американската војска останува подготвена за дејствување доколку дојде до промена на ситуацијата.
Трамп неочекувано се појави пред новинарите во салата за прес-конференции во Белата куќа, по средбата со катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.
„Од воен аспект, Иран практично е завршен. Ние едноставно ја одржуваме постојната состојба“, изјави американскиот претседател.
Тој додаде дека Иран е „удрен во главата“, алудирајќи на уништувањето на неговото раководство, но нагласи дека и понатаму сака да обезбеди долгорочно решение со кое ќе се неутрализира иранската нуклеарна програма.
Трамп оцени дека постојат позитивни поместувања и изрази надеж дека конфликтот би можел да заврши. Според него, во тек се разговори со Иран, а досегашните контакти ги оцени како охрабрувачки.
„Тие разговараат со нас и зборуваат многу учтиво. Ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп, додавајќи дека воената акција во моментов не изгледа неопходна, но дека САД се подготвени да реагираат доколку се промени ситуацијата.
Овие изјави се меѓу најјасните сигнали досега дека американскиот претседател се повлекува од заканите за обновување на нападите врз Иран. За време на конфликтот, Трамп повеќепати најавуваше можност за интензивирање на американските воени операции доколку иранските власти не ги прифатат условите на Вашингтон за завршување на војната. Сепак, во неколку наврати се откажуваше од најавената ескалација, давајќи ѝ дополнително време на дипломатијата.
Во меѓувреме, американскиот претседател не најави повлекување на илјадниците американски војници распоредени во водите во близина на Иран. Тие и понатаму учествуваат во спроведувањето на поморската блокада, чија цел е да се спречи иранската нафта да стигне до светскиот пазар.
„Ќе продолжиме со тоа. Ја имаме најмоќната воена блокада што некогаш постоела“, изјави Трамп.
Тој претходно на социјалните мрежи тврдеше дека американските сојузници на Блискиот Исток, меѓу кои Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Кувајт, претпочитаат задржување на постојната состојба.
Според информации на двајца владини претставници од Блискиот Исток, кои зборувале за Асошиејтед прес, катарските власти минатата недела претставиле неколку предлози поврзани со иранската нуклеарна програма.
Од друга страна, официјален Техеран продолжува да бара отстапки од САД, кои Трамп претходно ги отфрли.
Конфликтот, кој трае осум месеци, предизвика раст на цените на горивата и последици врз повеќе сектори од светската економија. Во меѓувреме, незадоволството на американските гласачи поради војната беше едно од прашањата во фокусот на неодамнешните избори за Конгресот, на кои Републиканската партија го загуби мнозинството во двата дома.
Извор: TV21 — Свет



