Повеќе од 7.000 цивили се убиени во Украина откако Русија ја нападна соседната земја во февруари минатата година, објави Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР).
Повеќето регистрирани цивилни жртви се од употребата на експлозивно оружје со широк дострел, вклучително и гранатирање со тешка артилерија, повеќекратни системи на ракетни фрлачи, проектили и воздушни напади, се наведува во соопштението на ОХЦХР.
Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека потврдила 7.031 цивилна смрт, но верува дека реалната бројка е „значително поголема“, имајќи предвид дека многу извештаи сè уште чекаат потврда и со оглед на непристапноста на областите каде што се водат тешки борби.
Поголемиот број од регистрираните цивилни жртви се во областите контролирани од Украина – 6.536, во споредба со 495 смртни случаи во областите под контрола на Русија.
ОХЦХР не укажаа на одговорност за споменатите смртни случаи.
Украина тврди дека бројот на убиени цивили може да биде десетици илјади.
И Русија и Украина негираат дека таргетирале цивили. (МИА)