Вечерва мирен протест во Богданци, а в недела во „Жена Борец“ во Скопје

Мирен протест со пораката „Стоп за фемицидот“ е најавен за денеска во 19 часот во Градскиот парк во Богданци. Собирот се организира во чест на 17-годишната Билјана Кириќ која беше убиена пред неколку дена. Целта на собирот е да се побара одговорност, заштита на жените и итна акција од институциите.
Трагедијата е повод за протест и во Скопје закажан за в недела на 8 ноември. Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, составена од група активистки и активисти, организира протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста, во недела (8 ноември), со почеток во 12 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје.Повод за протестот е последниот случај на фемицид во Богданци, во кој беше убиена 17-годишната Билјана Кириќ. Според организаторите, овој случај повторно ги покажал сериозните институционални пропусти, ненавременото постапување и отсуството на соодветна заштита на жените и девојките кои се соочуваат со насилство.

„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва. Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, прашуваат од иницијативата.

Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и утврдување одговорност за институционалните пропусти, итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените, враќање на поимот „род“ во законите и програмите од кои е отстранет, како и разрешување на функционерите кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.

Протестниот марш ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Од иницијативата нагласуваат дека протестот е граѓански и дека нема да дозволат негова партиска злоупотреба.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат организаторите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ