Во Струга на 30 мај ќе се одржи Државно училишно првенство во веслање

Овој петок, на 30 мај 2025 година, Струга ќе биде домаќин на Државното училишно првенство во веслање, организирано од Сојузот на училишен спорт и Веслачката федерација на Република Македонија. Натпреварите ќе се одржат на регатната патека „Женска Плажа“, каде ученици од основните и средните училишта – и државни и приватни – ќе се натпреваруваат во дисциплините „Скиф“ и „Ергометар“.

Според претседателот на Веслачката федерација, г-дин Коста Хиохи, идејата за организирање на ваков настан токму во Струга се наметнала природно, со оглед на тоа што мнозинството веслачки клубови функционираат на брегот на Охридското Езеро. Тој посочува дека целта на првенството е да се охрабри создавање на училишни тимови кои ќе продолжат со активна подготовка и учество на спортски настани, со надеж дека во иднина може да се развие и поголема традиција, слична на прочуената трка меѓу универзитетите Оксфорд и Кембриџ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ