Вучиќ: Србија нема да се согласи со влез на Косово во ОН, ниту ќе го признае

Србија нема да се согласи со влез на Косово во ОН или на кој било начин да го признае, а тоа јасно им го кажав на сите западни претставници, изјави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ. Во опширното интервју за провладината ТВ Хепи, тој рече дека „не му паѓа на памет“ да потпише капитулација на Србија „колку и да е лош европскиот план за Косово“.

„Нема да има капитулација или предавање, тоа несомнено им го соопштив на сите западни функционери и европски лидери, им кажав на сите во лице“, нагласи Вучиќ, наведувајќи ги функционерите со кои разговарал, од претставници на САД до лидери на европските земји и ЕУ.

Тој оцени дека претстојат „многу тешки дискусии и ситуации“ во врска со Косово и истакна дека е „речиси сигурен оти (косовскиот премиер Албин) Курти не сака да формира Заедница на српски општини, на што Приштина се обврза со Бриселскиот договор , постигнат под покровителство на ЕУ во април 2013 година.

Вучиќ рече дека тоа тврдење го заснова на тоа што вчера ЕУ начелно се согласила за визна либерализација за Косово.

„Моментот во кој Брисел дава согласност за визна либерализација на Косово доаѓа наместо притисок врз Курти за Приштина да ги исполни своите обврски, што е предуслов за натамошното спроведување на планот на ЕУ за Косово“, рече Вучиќ, оценувајќи дека тоа е „охрабрување за Курти“ да ја продолжи својата политика .

Вучиќ нагласи дека ниту една членка на Советот за безбедност на ОН нема да се согласи за членство на Косово во светската организација доколку Србија не го прифати тоа.

„И Русија и Кина ќе ја следат Србија затоа што ниту една членка на Советот за безбедност на ОН не би се спротивставила доколку Србија се согласи на членство на Косово во ОН, но Србија нема и тие ќе ја следат Србија“, рече Вучиќ.

Во документот што го подготвија европските дипломати за временската рамка за спроведување на предложениот европски договор за Косово, за кој Вучиќ и Курти се договорија на 27 февруари во Брисел, беше посочено дека „Косово нема да претендира за членство во Обединетите нации без експлицитна согласност на сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Франција, Британија, САД, Русија и Кина“, објавија претходно белградските медиуми, повикувајќи се на дипломатите кои работат на „патоказот“ за спроведување на европскиот план за Косово.

Вучиќ рече дека во следните две години „најголемите проблеми за Србија ќе бидат политички, се надевам не економски“, поврзани со војната во Украина и ситуацијата со Косово. Во врска со украинската војна, Србија „го почитуваше меѓународното право, Повелбата на ОН, територијалниот интегритет и суверенитет“, тврди тој.

„Зазедовме рационална позиција и ја задржуваме повеќе од една година“, рече Вучиќ, потсетувајќи дека Србија не воведе санкции кон Русија поради нејзините национални и државни интереси.

Коментирајќи го најавеното формирање „народно движење за државата“, Вучиќ рече дека тоа движење нема да биде „антипартиско, туку надпартиско“ и дека тоа нема да значи укинување на постоечките партии.

„Нема да има укинување партии. Никој нема да ја укине СНС, бидејќи мислам дека е спорно најдобрата политичка партија во државата“, рече Вучиќ.

Белградските медиуми во средата објавија дека српскиот претседател има намера да формира Народно движење за државата и „ќе побара поддршка од народот за одбрана на Србија“ и дека разговорите ќе започнат на 11 март на југот на земјата, најверојатно во Врање.

Во синоќешното интервју Вучиќ истакна дека тоа движење мора да покаже дека „интелектуалците, вистинската елита, се за нормална, пристојна, рационална Србија на иднината“, и дека во тоа движење ќе има „и работници и селани кои ќе се борат за нашата земја и ќе кажат „нема да дозволиме да ја уништите Србија, ниту вие екстремисти од левицата, ниту вие екстремистите од десницата“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *