Зеленски во посета на Полска: Благодарност што застанавте со нас рамо до рамо

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во Полска, што е негова прва официјална посета на еден од најблиските сојузници на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

За време на средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда во Варшава на Зеленски му беше доделена највисоката полска чест, Орденот на белиот орел, јави Си-Ен-Ен.

Украинскиот лидер помина низ Полска кога во претходните месеци беше на пат кон посети на Соединетите Американски Држави и Велика Британија, но денешната посета ја означува неговата прва посета посветена на земјата која прими повеќе од еден милион украински бегалци и го предводеше патот во поттикнувањето на партнерите во НАТО да му испрати на Киев повеќе воена опрема. Исто така, за разлика од претходните патувања, Зеленски денеска е во придружба на неговата сопруга.

„Вие не ја напуштивте Украина, стоите со нас рамо до рамо и ние сме ви благодарни. Веруваме дека ова е историска врска“, рече Зеленски на заедничката конференција со Дуда.

„Вашиот личен однос кон нашиот народ, милиони Украинци кои најдоа засолниште во Полска, кои тука се чувствуваат како дома – сакам да и се заблагодарам на целата полска нација за сето ова и за првите денови и недели кога ни беше толку потребна оваа помош, додаде Зеленски.

Дуда, пак, за време на церемонијата на доделувањето на Орденот на белиот орел во Претседателската палата истакна дека Зеленски е „човек со извонредни квалитети“.

– Тој е уникатен човек; ти, Володимир си единствен, му рече Дуда на Зеленски. „Само што го добивте мандатот од вашиот народ, одеднаш бевте повикани на единствена мисија што никој не можеше да ја предвиди“.

– Никој од нас пред една година, по руската инвазија не можеше да знае што ќе се случи со Украина и што ќе се случи лично со вас… не се сомневаме дека вашиот денешен став ќе ја спаси Украина од руската агресија, рече тој.

Зеленски ќе има средба и со претставници на полски бизниси, волонтери и спасувачи, како и со градоначалниците на градовите кои граничат со Украина. Полска е непоколеблив сојузник на Украина откако беше нападната од Русија, и прими повеќе луѓе раселени од војната од која било друга земја.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *