Абазовиќ: Положивме голем демократски испит

Црна Гора во изминатите неколку дена положи голем демократски испит, изјави црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.

Тој ова го изјави по средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан што се одржа во Рим.

– Ние претходните денови положивме голем демократски испит, покажавме дека можеме целосно слободно да организираме избори, во опуштена атмосфера, и да им овозможиме на граѓаните да избираат онака како што мислат дека треба, рече Абазовиќ.

Тој додаде дека верува оти со тоа се отвора нова перспектива кога станува збор за владеењето на правото во Црна Гора.

– Ова е дел од нашата европска агенда и сигурен сум дека целиот политички спектар треба да се собере околу нашата европска иднина, рече Абазовиќ.

Тој наведе дека на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан разговарале за многу теми. Додаде дека средбата поминала во многу добра и позитивна атмосфера.

Абазовиќ му се заблагодари на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји кој го отвори прашањето за идејата за изградба на регионален енергетски терминал, кој би го финансирала Европската унија.

Тој рече дека Црна Гора е подготвена да аплицира, да ги понуди своите капацитети и додаде дека енергетиката е во нивниот фокус подолго време.

– Она што не интересира е конечно да добиеме поморска врска со Италија, да го вратиме траектот Бар-Бари, Бар-Анкона, да го вратиме нашиот Свети Стефан. Тоа е амбиција на Владата, рече Абазовиќ.

Според него, Црна Гора е место на спојување.

– Верувам дека можеме да придонесеме за некои регионални процеси што се случуваат и дека конечно треба да се стави фокус на она што е заедничка иднина, економија и животниот стандард, рече Абазовиќ.

Зборувајќи за претстојната туристичка сезона, тој рече дека очекува голем број туристи од ЕУ и од регионот.

– Мислам дека во секој случај, на секое место во Европа и светот, Црна Гора демонстрира дека е земја достојна за почит, рече Абазовиќ. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *