Четворица загинати од циклонот Габриел во Нов Зеланд: Без струја останаа 144 илјади луѓе

Четири лица загинаа на Нов Зеланд откако циклонот Габриел ја погоди земјата на почетокот на оваа недела, јави ДПА, повикувајќи се на полицијата.

Тело е пронајдено на местото каде исчезна пожарникар при уривање на куќа во регионот Окленд – најнаселен град во земјата. Три лица загинаа во друга област на Северниот остров – Хоков Залив.

Циклонот донесе силен дожд и силен ветер во ноќта од понеделник кон вторник. Предизвика поплави и лизгање на земјиштето на Северниот остров, дом на три четвртини од пет милиони жители на Нов Зеланд, изолирајќи цели градови.

Околу 10.500 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови.

Без струја останаа 144 илјади луѓе. Сепак, напојувањето е постепено обновено.

Властите на Нов Зеланд денеска соопштија дека најлошото поминало, но предупредија дека се уште постои опасност. Тие почнаа да го проценуваат степенот на штетата во изолираните градови каде што надојдените води ги разурнаа патиштата и ги прекинаа комуникациите. Во целата земја веќе една недела е прогласена вонредна состојба.

Циклонот Габриел беше „најмоќната метеоролошка појава во Нов Зеланд во овој век, рече премиерот Крис Хипкинс.

Министерот за управување со кризи, Киеран Меканулти, додаде дека „ова е голема катастрофа“. Ќе бидат потребни „многу недели“ за обнова на погодените области, предвиде тој, предупредувајќи дека „патот е долг“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *