Почнувајќи од денеска, во наредните три дена во Струга се одржува третиот „Преспа форум за дијалог“, на петгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, со учество на повеќе претседатели и премиери од регионот.
Фокусот на годинешниот форум во Преспа ќе биде потребата од единство и стабилност во Европа, како и можноста за забрзана интеграција во Европската унија на оние европски земји кои се надвор од блокот.
На форумот учество ќе земат поголем број претседатели и премиери од земјите во соседството… Своето присуство го најавија новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателите на Хрватска и Албанија, Зоран Милановиќ и Бајрам Бегај, како и премиерите на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Албин Курти.
На Форумот ќе учествуваат и министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, како и повеќе министри за европски прашања, меѓу кои Тања Мишевиќ од Србија, Мајлинда Дука од Албанија, Питер Бурк од Ирска, Мартин Дворжак од Чешка, како и претставници на меѓународни организации и граѓанскиот сектор.