Иранската војска денеска соопшти дека два нафтени танкера се запалиле откако налетале на поморски мини во Ормускиот Теснец.
Морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека танкерите ги прекршиле прописите, ги исклучиле навигациските и идентификациските системи и се обиделе да го напуштат Ормускиот Теснец по недозволена маршрута, со поддршка на американските воени сили, пренесува иранската новинска агенција ИРНА.
Според наводите на иранската страна, бродовите во тие околности налетале на поморски мини, по што на двете пловила избувнале пожари.
Во соопштението се тврди дека припадници на американската војска се обиделе да го изгаснат пожарот, но огнот и натаму беснеел, а двата танкера биле напуштени од екипажите.
Иранската револуционерна гарда ги повика сопствениците на бродови да ги почитуваат пропишаните процедури за пловидба низ Ормускиот Теснец.
Во соопштението дополнително се нагласува дека за безбедно поминување низ овој стратешки важен поморски коридор е неопходна „координација со иранските вооружени сили“.
Засега нема дополнителни информации за идентитетот на танкерите, бројот на членовите на екипажот или евентуални повредени лица. Наводите за инцидентот се засега засновани на соопштението на иранската војска.
Извор: TV21 — Свет




