ЕУ објави список на санкционирани поединци и ентитети поради насилство врз жените

Европскиот совет денеска одлучи да воведе рестриктивни мерки за поединци и ентитети, имајќи ја предвид нивната улога во спроведувањето на сериозни прекршувања и злоупотреба на човековите права, особено сексуалното и родовото насилство.

„Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, преминуваме од зборови на дело. Каде и да се случи, ќе се бориме и ќе ги елиминираме сите форми на насилство врз жените. Со денешната одлука, ги засилуваме напорите за борба против сексуалното и родовото насилство, за да се осигуриме дека одговорните ќе бидат целосно одговорни за своите постапки и да се спречи неказнивоста“, рече Жосеп Борел, висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Санкциите се однесуваат на девет поединци и три организации.

Станува збор за двајцата вршители на должност талибански министри за високо образование и за пропагирање доблести и превенција од пороци, кои стојат зад забраната за високо образование за жените и родово сегрегирани практики во јавните простори.

Списокот вклучува и службеници на полициската станица во Москва „одговорни за произволни апсења и притворања, како и за тортура и други сурови, нехумани и понижувачки акти во контекст на цензура и угнетување од страна на руските власти“, стои во соопштението од Советот на ЕУ.

Санкциите исто така се однесуваат на високо рангирани припадници на руските вооружени сили, чии единици „систематски учествуваа во акти на сексуално и родово насилство во Украина во март и април 2022 година“.

Списокот вклучува и „команданти на јужносуданските милиции одговорни за широко распространета и систематска употреба на сексуално и родово засновано насилство како воена тактика во земјата“, а на списокот е и заменик-министерот за внатрешни работи во Мјанмар/Бурма.

Списокот на санкционирани организации ги вклучува затворот Карчак во Иран, Сириската републиканска гарда и Канцеларијата на началникот за воени безбедносни прашања во Мјанмар/Бурма, со оглед на нивната улога во сериозни сексуални и родово засновани кршења на човековите права, истакнува Советот на ЕУ.

„Наведените поединци и ентитети сега ќе бидат предмет на замрзнување на имотот на ЕУ. Покрај тоа, на поединците на списокот ќе им биде забрането да патуваат во ЕУ. Дополнително, на физичките и правните лица во ЕУ ќе им биде забрането директно или индиректно да им ставаат на располагање средства на тие кои се наведени“, се нагласува во соопштението на Советот на ЕУ.

Правните документи со имињата на засегнатите лица и ентитети се објавени во Службен весник на ЕУ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ