Фон дер Лајен во Киев: ЕУ планира нов пакет санкции против Москва до годишнината од руската инвазија

Европската Унија планира нов пакет санкции против Москва, кои ќе бидат усвоени до годишнината од руската инвазија на Украина на 24 февруари, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

– До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме за цел да го воведеме десеттиот пакет санкции, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Претседателката на Европската комисија подвлече дека „Русија плаќа висока цена, бидејќи нашите (казнени мерки) ја поткопуваат нејзината економија, враќајќи ја една генерација назад“.

Меѓу најтешките санкции, кои ги воведе ЕУ по почетокот на воените дејствија, е воведувањето на плафонот на цената на рускиот бензин од 60 долари за барел на почетокот на декември. – Тоа веќе ја чини Русија по околу 160 милиони евра дневно, потенцираше Фон дер Лајен.

На денешната прес-конгференција во Киев, украинскиот претседател повика на повеќе санкции против Русија. Тој оцени дека „забавува“ европската кампања на санкции против и побара таа да се забрза. Тој рече дека разговарал за тоа прашање со Фон дер Лајен.

Запрашана за неодамнешните напори на Украина против корупцијата, Фон дер Лајен ја поздрави „брзата реакција на политичко ниво“, што, според неа, е неопходен услов за постигнување „опипливи резултати“.

Украинската полиција вчера изврши рации во домовите на поранешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков и на олигархот Игор Коломојски во врска со разни афери.

Минатата недела во Украина изби првиот голем корупциски скандал од почетокот на руската инвазија. Голем број високи функционери беа отпуштени поради наводен поткуп во врска со снабдувањето со армијата.

Корупцијата е феномен кој создава сериозни проблеми за Украина. Европската Унија јасно стави до знаење дека борбата против неа е важен критериум за поранешната советска република да добие зелено светло за членство, забележуваат западни медиуми.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ