Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека има разбирање за оние што решиле преку демократската алатка, како што е протестот, да го изразат својот гнев, но не ги оправда, како што рече, политичките глодачи и лешинари што сакаат да добијат политички поени.
„Протестите се демократска алатка на изразување незадовослтво и јас сум нервозен, сите сме незадоволни од сѐ што се случува. Работите ги решаваме. Многу работи изминативе 9 месеци се решија, за многу од нив бевме браник да не дозволиме да продолжат понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија и тоа за политичките глодачи е проблем, па гледаат преку овие протести да добијат политички поен“, рече премиерот.
Мицкоски се придружува кон изразувањето незадоволство и гнев. Вели дека уште многу работи останале пред нив да ги решат, но ќе се борат до последниот атом енергија да поправат нешто за идните генерации.
„Поразивме неколку мафијашки здруженија, ќе продолжиме и во периодот што следува. Посакувам да останеме сите фокусирани и обединети во решавањето на проблемите“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско праашање за најавените собири по пожарот во импровизираната дискотека во Кочани, каде што животот го загубија 59 млади луѓе.