Проширувањето на Европската Унија треба да продолжи како процес заснован на резултати, но со поголема динамика, правичност и предвидливост. Ова е пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја испрати по учеството на Форумот за проширување на ЕУ за 2026 година, организиран од Европската комисија во Брисел.
Мицкоски информираше дека на настанот присуствувал заедно со европската комесарка за проширување Марта Кос, при што го проследиле обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кое беше отворен Форумот.
Според премиерот, проширувањето на Унијата има стратешко значење за целиот европски континент, бидејќи претставува долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста.
Тој нагласува дека европската интеграција останува стратешка определба и долгорочен национален интерес на Македонија.
„Нашата посветеност на реформите, заштитата на националните интереси и исполнувањето на европските стандарди мора да бидат проследени со јасна и кредибилна европска перспектива“, порача Мицкоски.
Извор: TV21 – Македонија




