Навални: Рускиот пораз во Украина е неизбежен

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, затворен повеќе од две години, оцени дека воениот пораз на Кремљ е „неизбежен“ во Украина, во пресрет на годишнината од големата руска офанзива против таа земја.

„Конечниот воен пораз (во Украина) сè уште може да биде одложен по цена на животите на стотици илјади мобилизирани (руски резервисти неодамна повикани од Москва), но на крајот тој е неизбежен“, напиша Навални во пораката објавена. денеска од неговиот тим преку социјалните мрежи.

„Комбинацијата на агресивно војување, корупција, општата неспособност на генералите, слабата економија и херојството и големата мотивација на одбранбените сили може само да се заврши со пораз“, рече Навални.

Во долгата порака објавена четири дена пред годишнината од почетокот на руската офанзива во Украина, 46-годишниот борец против корупцијата, противник на рускиот претседател Владимир Путин, во 15 точки го истакна своето противење на тој конфликт.

Тој напиша дека направил резиме на неговата политичка платформа, 15 тези на „руски граѓанин кој го сака најдоброто за својата земја“ и изрази надеж дека тоа е и „платформа на многу други пристојни луѓе“.

Оцени дека „вистинските причини“ за офанзивата се политичките и економските тешкотии во Русија, како и волјата на Владимир Путин „по секоја цена да ја зачува власта“ и да го остави како свое историско наследство на сликата на „царот освојувач“.

Според Навални, убиени се десетици илјади невини Украинци.

Тој, исто така, ја повика Русија да ги почитува границите со Украина договорени во 1991 година, за време на распадот на СССР, кои го вклучуваат полуостровот Крим на украинска територија.

„Треба да се остави Украина на мир и да и се даде можност да се развива како што сака нејзиниот народ“, напиша тој и повика на повлекување на руските трупи.

„Продолжувањето на војната е крик на немоќ, а неговото запирање е силен гест“, рече Навални.

Тој, исто така, инсистираше на тоа дека откако ќе заврши конфликтот, мора економски да се надокнади штетата на Украина и заедно со меѓународните тела да се испитаат извршените „воени злосторства“.

„Земајќи ја предвид нашата историја и нашите традиции, треба да бидеме дел од Европа и да го следиме европскиот развоен пат. Немаме друг пат и не ни треба друг пат“, напиша Навални.

Навални беше уапсен во Русија во јануари 2021 година, откако се врати во земјата од лекување поради труење што му го припиша на Кремљ. Во март минатата година тој беше осуден на девет години затвор под обвинение за „измама“ која тој ја оцени како измислена.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *