Обид за палење српска црква во Призрен

Непознати сторители во понеделникот вечерта се обиделе да ја запалат црквата „Свети Пантелејмон“ во Призрен, која беше опожарена за време на погромот на Србите на Косово во 2004 година, но, за среќа, успеале да ја оштетат само вратата од црквата, пренесува српски „Телеграф“.

Според трагите од предизвиканата штета, очигледно е дека врз вратата од црквата бил фрлен „молотов коктел“, но, за среќа, сè поминало без посериозни последици. Инцидентот го пријавил случаен минувач, кој успеал да го изгасне огнот пред тој да предизвика поголема штета.

По пријавата од граѓанинот, пристигнала патрола на косовската полиција, која потврдила дека се чувствува мирис на бензин и дека станува збор за пластично шише, кое изгорело.

Косовската полиција го потврди инцидентот кај српската црква „Свети Пантелејмон“ во Призрен. За случајот е известен и јавниот обвинител, кој препорачал да се отвори предмет за предизвикување општа опасност.

Црквата „Свети Пантелејмон“ од 14 век била запалена за време на погромот против Србите во март 2004 година, во кој беа запалени сите српски цркви во тој град, а потоа била повторно изградена.

Пред конфликтот во 1999 година, во Призрен живееле околу 10.000 Срби, а денес во градот живеат само околу 20 Срби.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *