Осуда од ЕУ за заканата на Медведев кон Меѓународниот кривичен суд

Европската Унија ја осудува заканата на високиот претставник на Русија, Дмитриј Медведев, за употреба на сила против Меѓународниот кривичен суд и Холандија, земјата во која се наоѓа таа институција, соопшти денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Во врска со изјавата на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, дека хиперсонична ракета може да го погоди судот во Хаг, Борел изјави дека ЕУ „ја потврдува целосната поддршка“ за Меѓународниот кривичен суд.

Тој изјави дека ЕУ ги осудува и мерките што ги објави Русија против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд, вклучени во издавањето налози за апсење на руски претставници.

– Секоја мерка на одмазда против оние кои се вклучени во неговата работа е неприфатлива. Додека се бори против неказнивоста, Меѓународниот кривичен суд мора да може да работи независно и непристрасно, потенцираше Борел.

Тој додаде дека ЕУ „останува посветена да го брани Судот од какво било надворешно мешање насочено кон попречување на правдата и поткопување на меѓународното кривично правосудство“.

„ЕУ ќе продолжи да се залага за универзалност на Римскиот статут и ги повикува сите држави, кои сè уште не го сториле тоа, да размислат за приклучување кон Меѓународниот кривичен суд, така што повеќе нема да има неказнивост за најтешките злосторства“, напиша Борел.

Медведев, поранешен руски претседател, во понеделникот рече дека „не е невозможно да се замисли хиперсонична ракета истрелана кон судот во Хаг од руски брод во Северното Море“.

Пред тоа, на 17 март, Меѓународниот кривичен суд во Хаг објави дека распишал налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин под обвинение за воени злосторства, поради негова можна вмешаност во киднапирањето деца од Украина. Поради слични обвинувања, судот со седиште во Хаг тогаш издаде и налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија, задолжена за правата на децата. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *