Петок, 13 ноември 2026 петок, 13 ноември Струга 18°C Струга 18°C Пријави вест
Свет

„Политико“: 71% од Европејците поддржуваат формирање армија на ЕУ

Објавено: · 2 мин читање
Фото: TV21 — Свет
Фото: TV21 — Свет

Околу 71 процент од европските граѓани поддржуваат формирање армија на Европската Унија, додека 78 проценти сметаат дека одбранбените капацитети на ЕУ треба да се зајакнат во соработка со НАТО. Ова се резултатите од истражувањето спроведено од безбедносниот институт GLOBSEC за 2026 година, објавени од „Политико“.

Поддршка за формирање европска армија е забележана во сите анкетирани земји членки на ЕУ. Таа е најголема во Романија, каде што изнесува 82 проценти, по што следуваат Литванија со 78 проценти и Франција со 75 проценти.

Во Полска и Бугарија поддршката изнесува околу 70 проценти, додека во Германија достигнува 69 проценти. Резултатите доаѓаат во време кога европските влади разговараат за начините за зајакнување на воените капацитети, во услови на продолжување на руско-украинската војна и зголемена неизвесност околу посветеноста на САД во гарантирањето на безбедноста на Европа.

Истражувањето на GLOBSEC опфатило граѓани од 14 земји од трансатлантскиот простор, од кои 11 се членки на ЕУ, како и Украина, Обединетото Кралство и САД.

Поддршката за зајакнување на европските воени капацитети не значи оддалечување од НАТО. Околу 77 проценти од испитаниците во земјите членки на Алијансата би гласале за останување во НАТО, додека 78 проценти од граѓаните на земјите членки на ЕУ поддржуваат развој на сопствени одбранбени капацитети паралелно со Алијансата.

Од друга страна, повеќе од една третина од испитаниците во европските земји сега ги сметаат САД за закана за безбедноста. Овој став го делат околу половина од анкетираните во Германија, Франција и Велика Британија, во споредба со приближно една третина во земјите од Централна и Источна Европа.

Германија е единствената анкетирана земја во која мнозинството граѓани го сметаат Вашингтон за безбедносна закана.

Германија се издвојува и по ставовите во врска со руската инвазија врз Украина. Околу 40 проценти од анкетираните Германци се согласуваат со тврдењето дека односот на Украина кон населението што зборува руски го оправдува рускиот напад, додека 39 проценти сметаат дека Западот ја предизвикал војната.

Овие ставови се проследени и со помала поддршка за Киев. Нешто повеќе од половина од испитаниците сметаат дека одбраната на Украина е важна за безбедноста на Германија, додека речиси шест од десет би прифатиле Украина да се откаже од дел од својата територија во замена за мир.

Извор: TV21 — Свет