Бурата „Чарлс“ предизвика сериозни нарушувања во Португалија, каде што властите затворија училишта и јавни служби, а повеќе од 200 летови беа откажани на аеродромите во Лисабон, Фаро и Мадеира.
Поради најавеното силно невреме, португалската влада прогласи состојба на готовност и ги повика граѓаните да го ограничат движењето и, доколку е можно, да работат од дома. Затворањето ги опфати училиштата и јавните служби кои не се од суштинско значење, додека дел од продавниците исто така ги прекинаа активностите.
Најголеми проблеми се очекуваа во централните и јужните делови на земјата, особено во крајбрежните подрачја. Според метеоролошките прогнози, се очекуваа обилни врнежи и силни налети на ветер, кои на изложените места можеа да достигнат и до 140 километри на час.
Последиците од невремето веќе се почувствувале во Лисабон. Според локалните пожарникари, од полноќ до 10 часот наутро биле регистрирани околу 50 интервенции, главно поради поплавени улици, паднати дрвја и помали оштетувања на инфраструктурата. Засега не се пријавени повредени лица.
Бурата претходно ја погоди и Мадеира, каде што во текот на ноќта биле регистрирани повеќе од 200 инциденти, меѓу кои поплави, паднати дрвја и свлечишта.
Невремето предизвика и прекини во воздушниот сообраќај. Повеќе од 200 летови беа откажани на аеродромите во Лисабон, Фаро и Мадеира, а авиокомпаниите ги повикаа патниците да го проверат статусот на своите летови пред да тргнат кон аеродромите.
Поради безбедносните ризици беше откажан и вториот ден од меѓународниот технолошки самит „Веб самит“ во Лисабон, на кој се очекуваше присуство на околу 70.000 посетители. Организаторите соопштија дека настанот треба да продолжи во четврток, доколку временските услови го дозволат тоа.
Португалија се соочува со ново невреме по бурата „Кристин“, која во јануари предизвика голема материјална штета во централниот дел на земјата, собори илјадници дрвја и остави последици чие санирање сè уште трае.
Иако метеоролошките служби во текот на денот регистрирале одредено слабеење на бурата „Чарлс“, властите продолжија да ги повикуваат граѓаните да ги почитуваат предупредувањата и да избегнуваат непотребни патувања.
Извор: TV21 — Свет




