Прифаќањето украински бегалци ја чини Франција речиси 500 милиони евра годишно

Прифаќањето украински бегалци ја чинеше Франција речиси 500 милиони евра за една година – пари потрошени главно за сместување и плаќање помош на околу 100.000 луѓе низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи во пресрет на првата годишнина од почетокот на конфликтот во Украина.

Од почетокот на војната, која го предизвика најголемото движење на бегалци во Европа по Втората светска војна, Франција одвои повеќе од 490 милиони евра за да понуди „шема за прием без преседан“, објави денеска Министерството за внатрешни работи.

Речиси 220 милиони евра се потрошени за исплата на „помош за лицата кои имаат привремена заштита“, околу 260 милиони евра за сместување и 10,1 милиони евра за дневни трошоци и превоз.

Домувањето, кое сочинува половина од трошоците за сместување на бегалците од Украина, вклучува хотели и центри за одмор, како и итно сместување (30.000 во екот на кризата во март и април 2022 година) и центри за привремено сместување, откриени низ цела Франција.

Уште околу 30.000 украински бегалци се сместени во домовите на граѓаните. Околу 900 од овие француски домаќинства за оваа намена добиле државна парична помош во вредност од над 786.000 евра.

Според Министерството за внатрешни работи, меѓу 10 март 2022 година и 30 јануари 2023 година, Франција прифатила повеќе од 100.000 Украинци, од кои речиси 80 отсто биле жени. Властите издадоа дозволи за привремен престој на 87.928 Украинци (не вклучувајќи ги децата). Бројот на дозволи е скоро 146.000, вклучувајќи ги и обновувањата.

Привремените дозволи важат шест месеци и се обновуваат. Тие им дозволуваат на Украинците легално да бидат во Франција без да мора да аплицираат за статус на бегалци. Благодарение на нив, тие луѓе можат да имаат корист од голем број социјални права (на работа, здравствени услуги, училишно образование за деца). (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *