САД сметаат дека Израел има право да се брани, ОН повикуваат на воздржаност

Соединетите Американски Држави денеска оценија дека Израел има право да се брани по ракетниот напад од Либан и од Појасот Газа.

– Го осудуваме истрелувањето ракети од Либан и Газа. Нашата посветеност на безбедноста на Израел е цврста. Го признаваме легитимното право на Израел да се брани од сите форми на агресија, изјави портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател, пренесуваат израелските медиуми.

Пател ова го изјави во време кога се очекува Израел силно да одговори на нападот на северниот дел на земјата, најголем од војната против либанскиот Хезболах во 2006 година.

Израелската војска наведува дека палестинските екстремистички организации стојат зад ракетниот напад вчера и завчера од Газа и денеска од Либан, но нагласува дека либанската држава е одговорна за нападите од нејзина територија.

Исто така, се верува дека таков напад не би можел да биде извршен без премолчено одобрение на екстремистичкиот проирански Хезболах, кој контролира голем дел од јужен Либан.

Силите на ОН во тој дел на Либан кои патролираат на границата на двете земји, кои технички сè уште се во војна, повикаа на воздржаност за да се избегне натамошна ескалација по ракетниот напад, со оценка дека „актуелната ситуација е исклучително сериозна“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди баражниот ракетен оган од Либан и повика на „максимална воздржаност“, изјави неговиот портпарол.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *