Новороденото бебе кое беше спасено од урнатините на неговиот дом на северот на Сирија, по силниот земјотрес што ја погоди таа земја на 6 февруари, го посвоија единствените преостанати роднини, тетката и вујкото.
Снимката од спасувач како се качува по рид од урнатини држејќи мало и правливо бебе во рацете стана вирално ширум светот. Подоцна било утврдено дека новороденото девојче е дете на Абдула и Афра Блеихан, кои заедно со другите деца загинале во урнатините. Преживеало само новороденото бебе, кое во моментот на спасувањето сè уште било приврзано за мајката за папочната врвца.
По спасувањето, бебето било хоспитализирано во Џихан, а лекарите за тоа време ги идентификувале нејзините роднини.
Pregnant woman gives birth while buried under rubble in #Syria. Newborn baby is rescued,but the mother ‘tragically loses her life’ following devastating #earthquake pic.twitter.com/RAXOUL9m4Y
— Smriti Sharma (@SmritiSharma_) February 7, 2023
Како што пренесува Ројтерс, денес нејзината тетка и вујко, Халил ал-Савади, конечно ја пречекале внуката во нивниот дом, која ја нарекле Афра, по нејзината покојна мајка.
„Ова мало девојче ни значи толку многу бидејќи немаме никој од нејзиното семејство. Јас, нејзината тетка и сите роднини во селото на нејзината мајка и татко ќе ги паметиме преку неа“, изјави Ал Савади за Ројтерс.
Во моментот на разговорот тој во едната рака ја држел Афра завиткана во виолетово ќебе, а во другата својата новородена ќерка Ата завиткана во сино ќебе. Ата е родена три дена по земјотресот, а Ал-Савади рече дека заедно ќе ги одгледуваат девојчињата.
„Се разбира, имаше правни процедури за да се потврди нашата врска, како и ДНК тест“, објасни тој.
Инаку, девојчето првично го добило името Аја, што на арапски значи „дар од Бога“. Сепак, роднините решиле во знак на сеќавање да ја наречат Афра, по нејзината мајка.