Сеќавање на геноцидот во Сребреница во Собранието

Во Собранието и годинава се одбележа Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, откако во мај годинава Генералното Собрание на Обединетите нации ја донесе Резолуцијата со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници.

Присутните пратеници, претставници на бошњачката заедница и на Здружението Диванхана и други гости, со едноминутно молчење, им оддадоа почит на жртвите во геноцидот, по што претседателот на Собранието Африм Гаши, во воведното обраќање, нагласи дека овој грозоморен настан секојдневно нѐ потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, на владеењето на правото, на соживотот, на демократијата и на почитувањето на човековите права. Особено на основното човеково право на живот, што злосторнички беше прекршено летото 1995 година, кога за само неколку дена згаснаа илјадници животи и илјадници семејства беа завиени во црно.

Затоа, рече претседателот Гаши, не треба да бегаме од тоа овој трагичен чин на масовно крвопролевање да го наречеме со вистинското име – геноцид. А геноцидот не е настан што се случува спонтано и што настанува сам по себе. Тој има автор, тоа е планирана и организирана акција, со намера на истребување и уништување на другиот, во овој случај на Бошњаците од Босна и Херцеговина.

Затоа, како што рече претседателот на Собранието, и Северна Македонија, заедно со повеќето земји во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

„Ние треба да испратиме порака до нашите деца, до идните генерации, дека треба да ги почитуваат различностите и да се спротистават на омразата, на предрасудите и на стереотипите. Затоа што геноцид како во Сребреница не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори“, рече претседателот Гаши.

Професорот Џемил Бектовиќ истакна дека Северна Македонија, со поддршката на Резолуцијата на ГС на ОН, како и со чинот на одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во Собранието уште еднаш покажува дека е на страната на правото и правдата и на страната на жртвите.

Зборувајќи за симболиката на геноцидот на територијата на Босна и Херцеговина летото 1995 година, Бектовиќ рече дека Сребреница е симбол на страдање, на болка, но и на преживување. Сребреница, рече тој, е симбоол на бошњачките мајки кои останаа без своите чеда.

Мерсиха Смаиловиќ, преставничка на Здружението Диванхана, рече дека Сребреница е паметник на човечката суровост и на несогледливите последици на омразата. Сребреница, рече таа, повикува на будност и на акција за спречување такви поглавја во иднина.

Нашата држава, рече Смаиловиќ, не само што гласаше за Резолуцијата на ОН, туку е и коспонзор, така што презема обврски што треба да ги исполни во насока на негување на споменот на Сребреница, како и во пресрет на 30-годишнината од геноцидот следната година.

Професорот Сеад Џигл нагласи дека, за жал, и 29 години подоцна, Сребреница се уште е предмет на жолчни расправи и недоразбирања и тема за политички борби и спротиставувања. Се надевам, рече тој, дека на 30-годишнината, со поголема самодоверба. Ќе може да кажеме дека сме овозможиле полека да почнат да заздравуваат отворените рани од минатото.

Сафет Бишевац рече дека Резолуцијата на ОН е само мало оддолжување кон жртвите. Најдобар одговор кон оние кои се уште го негираат злосторството во Сребреница, рече тој, се помнењето и вистината.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ