Студентите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постигнаа успех на Третата меѓународна медицинска олимпијада „Medicine of the Future 2026“, која се одржа од 29 октомври до 1 ноември во Ташкент, Узбекистан.
На натпреварот учествуваа 104 студентски екипи од 26 држави, со повеќе од 580 учесници. Екипата од Македонија, составена од студенти на Медицинскиот факултет во Скопје, успешно ја помина практичната полуфинална рунда и се пласираше во финалето.
Покрај успешниот настап, екипата од Северна Македонија беше единствената што ја доби специјалната награда „Main Character Award“, доделена од ректорот на Универзитетот за Централна Азија, како признание за енергијата, истрајноста и тимскиот дух.
Екипата ја предводеше Ана Ќупева, под менторство на асистент-доктор Филип Наумовски, а нејзини членови беа и Филип Калаџиски, Петар Маџовски, Ненад Смилески и Зоран Трајковски.
Извор: TV21 – Македонија




