Студија: Во Европа дрога се употребува од пред три илјади години

Анализата на прамени коса пронајдени во пештера на шпанскиот остров Менорка покажа дека локалното население користело психоактивни супстанци уште пред 3.000 години.

Научниците велат дека ова е најстариот директен доказ дека луѓето од тоа време земале халуциногени дроги, пренесува Science News.

Пред околу 3.000 години, „станарите“ на пештерата Es Càrritx на Менорка, кои можеби биле шамани кои вршеле духовни и исцелувачки ритуали, консумирале специфични растенија. Тие содржеле супстанции кои влијаат на состојбата на умот и видот, според археологот Елиса Гуера-Доце од Универзитетот во Ваљадолид во Шпанија.

Претходно, археолозите датираа знаци на човечка активност во пештерата, вклучително и повеќе од 200 човечки гробови наредени во влезната комора, во период кој датира од пред 3.600 и 2.800 години.

Истражувачите пронајдоа и многу други предмети, вклучително и шест дрвени сандаци. Во секој од нив се откриени прамени човечка коса. Хемиска анализа на прамени од еден сандак откри присуство на три психоактивни растенија. Научниците заклучиле дека тие биле консумирани и потоа се апсорбирале во косата во период од речиси една година.

Резултатите од истражувањето шпанските научници ги објавија во списанието Scientific Reports.

Две супстанци, атропин и скополамин, предизвикуваат дезориентација, халуцинации и изменети физички сензации. Друга пронајдена супстанција, ефедрин, ја зголемува енергијата и будноста.

Научниците веруваат дека шаманите знаеле како безбедно да ракуваат и да ги консумираат овие потенцијално отровни растенија.

Тие, исто така, претпоставуваат дека поединците сакале да ја зачуваат античката традиција, па криеле прамени коса и други ритуално важни предмети од Ес Кариткс во периодот кога постојано растечкото население на Менорка се развивало и поттикнувало општествени промени.

Погребните ритуали вклучувале боење на влакната од косата на труповите во црвеникава боја. Подоцна, дел од прамените биле отсечени и складирани во сандаци во близина на гробовите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *