Украина ќе стане членка на НАТО, потврди Јенс Столтенберг

„Сојузниците на НАТО се согласија Украина да стане членка“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Говорејќи пред состанокот во Рамштајн, Германија, тој додаде дека откако војната ќе заврши, Киев мора да развие начини за спречување на нови напади.

Столтенберг додаде дека сега главниот фокус е Украина да се брани и да победи. Шефот на НАТО вчера изјави дека за Украина има место во НАТО, но денеска додаде дека се согласуваат и другите членки. „Да бидам јасен, Украина има заслужено место во евроатлантското семејство“, рече тој на прес-конференција. „Украина има заслужено место во НАТО“, рече тој вчера.

Лидерите на западните земји денеска се среќаваат во американската воена база Рамштајн каде ќе разговараат за начините на кои можат да продолжат да и помагаат на Украина да се одбрани од руската агресија.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, на чија иницијатива беше свикана средбата на Контакт групата за одбрана за Украина, ќе има воведно обраќање, соопшти Пентагон.

Ден пред средбата во Рамштајн, на која се очекуваат претставници на педесетина земји, Данска и Холандија најавија дека заеднички ќе и испорачаат на Украина 14 тенкови Леопард 2.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски продолжува да ги повикува сојузниците да го забрзаат и зголемат снабдувањето со оружје од кое Киев е силно зависен.

Зеленски, исто така, врши притисок врз Западот да го забрза процесот на пристапување на Украина во НАТО. Оваа украинска аспирација ги подели сојузниците бидејќи во четвртокот, за време на посетата на Киев, генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг изјави дека на Украина и е место во НАТО.

Зеленски се залага неговата земја да биде прифатена со „забрзана“ процедура.

Соединетите Американски Држави и некои други членки, како Германија, изразија резерви во врска со тоа, бидејќи според одредбите на НАТО, земја кандидат не смее да биде вклучена во меѓународни конфликти.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја отфрли брзата одлука за членство на Украина во НАТО, велејќи дека „вратата е отворена, но сега не е време за одлука“, која, според него, не може да се донесе само од солидарност, туку „ со ладна глава и жешко срце. Не обратно“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *