Жителите на населбата Ускумрукој во Истанбул се загрижени за својата безбедност откако лавица била забележана како слободно се движи низ областа. Безбедносните служби веќе повеќе од 12 часа се обидуваат да го пронајдат животното, кое сè уште не е фатено, објави „Туркије“.
Лавицата првпат била забележана на безбедносните камери, по што жандармеријата испратила екипи на терен и ги засилила безбедносните мерки. Во потрагата се вклучиле и припадници на Генералната дирекција за заштита на природата и националните паркови, како и општинските служби.
Според објавените информации, надлежните успеале да ја лоцираат лавицата и се обиделе да ја успијат со стрела, но обидот бил неуспешен. Животното било забележано и со помош на термални камери, но во текот на ноќта повторно му се изгубила трагата.
Еден од жителите, Арда Коч, кој пријавил дека ја видел лавицата, раскажал дека се возел низ околината откако слушнал за животното, надевајќи се дека и самиот ќе го забележи.
Тој посочил дека бил загрижен за безбедноста на жителите, особено затоа што во населбата живеат многу семејства со деца.
Коч раскажал дека додека возел, лавицата ненадејно се појавила пред неговиот автомобил, по што веднаш ја повикал жандармеријата. Полициските екипи пристигнале на местото за околу пет минути.
Потрагата по животното продолжува, а надлежните служби се обидуваат да го пронајдат и безбедно да го заловат.




