Најмалку сто лица загинаа, а 150 се повредени во пожар на свадбена прослава во областа Хамданија во ирачката провинција Ниневија, објавија рано утринава ирачките државни медиуми, пренесува Ројтерс.
Локалните извори посочуваат дека бројот на жртви може да биде поголем.
Според објавата на ирачката Црвена полумесечина на X, порано Твитер, независна организација за хуманитарна помош во Ирак, бројот на загинатите е многу поголем.
Наџим ал-Џубури, гувернер на провинцијата Ниневија, каде што избувна пожарот, претходно изјави дека сè уште нема конечен биланс на загинати, што укажува на тоа дека бројот на жртвите може да продолжи да расте. Заменик-гувернерот на Ниневија, Хасан ал-Алак, исто така претходно изјави за Ројтерс дека е потврдена смртта на 113 лица.
Пожарот, соопшти локалната цивилна одбрана, ја зафатил големата сала во која се одржувала венчавката, откако за време на прославата бил запален огномет. Видеото од местото на настанот на дописникот на Ројтерс покажува како пожарникари се искачуваат над изгорената зграда во потрага по преживеани.
Првичните информации покажуваат дека зградата била направена од високо запаливи градежни материјали, што придонело за негово брзо уривање, објавија ирачките државни медиуми. Според официјалните изјави, ирачките федерални власти и властите во полуавтономниот регион Курдистан во Ирак испратиле амбулантни возила и медицински тимови на местото на трагедијата.