Викиликс: „Репортери без граници“ не добија пристап до Асанж во затворот во Лондон

На претставниците на „Репортери без граници“ им беше забранет пристапот до основачот на Викиликс Џулијан Асанж во лондонскиот затвор Белмарш, објави Викиликс на Твитер.

– На претставниците на Репортери без граници утринава им беше забрането да го посетат Џулијан Асанж во затворот Белмарш, и покрај тоа што претходно им беше дадена официјална дозвола, стои во твитот.

Шефицата на Репортери без граници, Ребека Винсент, вчера најави дека претставници на организацијата ќе го посетат Асанж во затворот и потсети дека следната недела се навршуваат четири години откако е затворен таму.

Асанж беше префрлен во Белмарш во 2019 година, откако беше изнесен од амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што се криеше со години. САД го обвинија Асанж (51) поради досега најголемото истекување на доверливи информации во јавност.

Вашингтон бара екстрадиција на Асанж, но неговите адвокати поднесоа жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур да ја блокира неговата екстрадиција во САД, каде што може да се соочи со вкупно 175 години затвор.

Во јуни минатата година, тогашниот британски министер за внатрешни работи Прити Пател потпиша налог за екстрадиција на Асанж во САД, откако мерката претходно беше одобрена од британскиот суд.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *