Воената потрошувачка на земјите од ЕУ со најсилни економии и натаму под целта на НАТО

Заедничката цел на членките на НАТО за одбрана да издвојат најмалку два отсто од Бруто домашниот производ ја исполниле само седум од 30-те земји, а меѓу нив не се најсилните европски економии.

Од земјите на Европската унија, таа цел во 2022 година ја исполниле Грција, Полска, Литванија, Летонија и Естонија, покрај САД и Обединетото Кралство.

Грција е прва на листата, со 3,54 отсто од БДП потрошени за одбрана, што е сепак помалку од 2021 година.

Најголемите економии во Европа, сепак, не го достигнаа планираното ниво на потрошувачка и покрај војната во Украина, а некои дури и се оддалечиле од целта.

Германија за одбрана потрошила 1,49 отсто, нешто повеќе отколку една година претходно (1,46 отсто), Италија 1,51 отсто, помалку отколку во 2021 година (1,57 отсто), а Франција 1,89 отсто (1,91 отсто во 2021 година), се наведува во новиот годишен извештај на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На дното на листата се Луксембург (0,62 отсто), Шпанија (1,09 отсто) и Белгија (1,18 отсто).

Од земјите од Западен Балкан, Северна Македонија издвоила 1,61 отсто од БДП за одбраната, Албанија (1,57 отсто) и Црна Гора 1,35 отсто. Хрватска потрошила 1,91 отсто, а Словенија 1,26 отсто од БДП.

Извештајот покажува дека иако воените сојузници со години се повеќе пари издвојувале за војската, многу и натаму во голема мерка заостануваат во исполнувањето на целта поставена во 2014 година. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *