Жештините го зедоа првиот живот во Италија: работник колабирал на работа, во Шпанија се очекуваат 44 степени

Топлотниот бран кој ја зафати Европа го зеде првиот живот во Италија, додека туристите кои летуваат на Медитеранот се подготвуваат за температури до 45 степени.

44-годишен работник починал во Лоди кај Милано по болест најверојатно предизвикана од жештините. Цртал патокази во внатрешноста на еколошката зона на патот, кога пред пладне му се слошило. Според италијанските медиуми, тогаш бил и најтоплиот дел од денот при што во многу градови биле забележани 40 степени.

Најпрвин на помош му пришол колега кој работел со него, набрзо пристигнала и Брза помош која го пренела во болница каде починал.

Илјадници посетители на Медитеранот сега се предупредуваат за опасност по живот од прекумерната жештина, откако антициклонски бран од пустината Сахара наречен „Кербер“ почна да се шири кон север.

„Кербер“ денеска ќе донесе температури околу 44 степени во јужните делови на Шпанија. Уште потопло ќе биде на италијанските острови Сардинија и Сицилија каде се очекуваат 45 степени.

Во Рим вчера беа измерени 36 степени, пишува „Дејли мејл“.

Топлиот бран нема да ја заобиколуи ниту Грција каде во наредните денови се очекуваат 44 степени.

Чадори ќе бидат поставени на Акропол во Атина поради извештаите за онесвестување на туристите на популарната локација. Црвениот крст ќе биде таму и ќе им нуди вода на посетителите додека луѓето чекаат на жештината да го посетат Партенон.

Во меѓувреме, на Кипар температурите ќе се искачат до 42 степени, во Хрватска се очекуваат 38 степени, а кон крајот на неделата Франција ќе се соочи со температури до 37 степени.

Метеоролозите очекуваат топлото време низ Медитеранот да трае околу две недели.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ