Довербата во институциите, доследното спроведување на законите и владеењето на правото остануваат меѓу клучните предизвици за Македонија и 35 години по донесувањето на првиот Устав. Ова го истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, на научната конференција посветена на 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.
Гаши порача дека одбележувањето на овој значаен датум не треба да биде само потсетување на историските настани, туку и можност за анализа на постигнатото и проценка на функционирањето на институциите.
Според него, владеењето на правото не се оценува само преку бројот на донесени закони, туку пред сè преку нивната доследна примена, што е особено важно за држава со амбиции за членство во Европската Унија.
Тој посочи дека европската интеграција не е само прашање на односите со институциите на ЕУ, туку подразбира градење функционални институции, зајакнување на правдата, заштита на слободите и гарантирање на достоинството на граѓаните.
„Уставот треба да биде темел на стабилноста, инструмент за развој и ризница во која се чуваат основните вредности на државата“, рече Гаши.
Во обраќањето тој отвори и прашање дали уставното уредување и законите досега успеале да изградат кохезивна држава, општество со доверба во институциите и систем во кој сите граѓани се чувствуваат подеднакво застапени.
Гаши оцени дека, и покрај постигнатите резултати, не смее да изостане подготвеноста за натамошно унапредување на уставниот и институционалниот систем. Тој повика 35-годишнината да биде нова заложба за посилна демократија, поодговорни институции, поголема доверба во правосудството и постабилен соживот.
Осврнувајќи се на историските моменти од 1991 година, Гаши посочи дека референдумот од 8 септември и донесувањето на Уставот на 17 ноември се неразделни настани во создавањето на независната македонска држава. Со референдумот, како што рече, била изразена политичката волја на граѓаните, додека со Уставот таа била институционализирана преку воспоставувањето на уставниот поредок.
Тој потсети и на уставните измени во 2001 и 2018 година, оценувајќи дека политичката и интелектуалната елита треба и во иднина да има храброст да го разгледува Уставот како систем што се развива и се приспособува на општествените промени и европската перспектива.
Посебна одговорност, според него, има Собранието, кое треба да биде простор за демократска дебата, дијалог и постигнување консензус за прашањата од стратешко значење, а не само арена на политички судири меѓу власта и опозицијата.
На научната конференција поздравни обраќања имаа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорот на Државниот архив, Димитар Богески, и директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов.
Во рамки на настанот ќе бидат прикажани документарниот филм „35 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија“ и изложба на архивски документи. Предвидени се и панел-дискусии со учество на претставници од политичкиот и академскиот живот, меѓу кои Тито Петковски, Насер Зибери, Владо Поповски и Ламбе Арнаудов.
Настанот опфаќа и меѓународен симпозиум на тема „Уставност, суверенитет и традиција: 35 години независна македонска држава“.
Извор: TV21 – Македонија




