Вторник, 17 ноември 2026 вторник, 17 ноември Струга 13°C Струга 13°C Пријави вест
Македонија

Силјановска-Давкова: Медиумите мора да бидат независни, демократијата не може да опстои без информирани граѓани

Објавено: · 3 мин читање
Фото: TV21 - Македонија
Фото: TV21 - Македонија

Слободата на медиумите, независноста на новинарите и довербата во информациите се меѓу клучните предуслови за функционирање на демократијата, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, што денеска се одржува во Скопје.

На форумот, организиран под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, таа истакна дека новинарството не треба да биде ниту продолжена рака на власта ниту нејзин однапред определен противник, туку професија што критички ја преиспитува секоја форма на моќ.

„Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма, лишена од сопствената суштина“, порача Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека посветеноста на вистината и јавниот интерес е особено важна во денешните услови, потсетувајќи дека новинарите низ историјата ги бранеле професионалните принципи и покрај притисоците, губењето на работните места и затворските казни.

Според претседателката, политиката треба да се темели на дијалог и размена на аргументи, а не на монолог. Во современите општества, разбирањето на политичките процеси во голема мера се формира преку телевизијата, весниците, радиото, интернетот и социјалните мрежи.

Таа посочи дека медиумите не се само пренесувачи на информации, туку имаат значајно влијание врз политичките процеси и распределбата на моќта во општеството. Новинарите, како што рече, не се само известувачи за настаните, туку и активни учесници во обликувањето на јавниот простор.

Силјановска-Давкова ја истакна улогата на слободниот печат во поттикнувањето јавна дебата, политичкото учество и контролата врз власта. Но, предупреди дека оваа функција може да се остварува само доколку новинарите се независни и не се под доминација на владата.

Истовремено, таа укажа дека медиумите понекогаш можат да бидат оптоварени со политички пристрасности и да не им понудат на граѓаните избалансиран преглед на различните политички ставови. Осврнувајќи се на односите меѓу медиумските професионалци и политичките елити, посочи дека медиумите во минатото биле користени како пропагандна машинерија, а политичкиот спин и денес е една од преокупациите на многу влади.

Посебен дел од обраќањето посвети на промените што ги носат дигиталните технологии, социјалните мрежи и вештачката интелигенција. Според неа, иако начинот на кој граѓаните доаѓаат до информации е значително променет, основната демократска потреба останува иста – јавноста да биде информирана и да може самостојно да формира мислење.

Повикувајќи се на истражувањето на Институтот „Ројтерс“ за 2026 година, претседателката посочи дека социјалните мрежи и видеоплатформите за првпат станале најкористениот глобален извор на вести, додека довербата во вестите изнесува 37 проценти.

„Информациите никогаш не биле подостапни, а довербата во нив можеби никогаш не била толку кревка“, истакна таа, оценувајќи дека вештачката интелигенција отвора нови можности, но и прашања за автентичноста, авторството и веродостојноста на содржините.

Претседателката се осврна и на безбедноста на новинарите, потсетувајќи дека зад секоја објавена информација стои човек кој често работи во опасни и непредвидливи услови. Според податоците на Меѓународната федерација на новинари на кои се повика, во 2025 година биле убиени 128 новинари и медиумски работници, од кои девет случаи биле класифицирани како несреќни случаи.

Таа нагласи дека покрај физичките ризици, новинарите се соочуваат и со психолошки притисоци, изложеност на трауматични настани, стрес, исцрпеност, несигурност во вработувањето и постојан притисок од роковите.

„Слободата на медиумите подразбира и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност за вас, новинарите“, порача Силјановска-Давкова.

Во завршницата од обраќањето, таа истакна дека одговорното новинарство подразбира не само критичко следење на институциите, туку и подготвеност за самокритика. Брзината, според неа, може да биде технолошка предност, но точноста останува професионална обврска, додека слободата на изразување не значи ослободување од одговорноста за објавеното.

Силјановска-Давкова заклучи дека на новинарството му се потребни храброст, знаење, независност, самокритичност и доследно почитување на професионалните стандарди.

Извор: TV21 – Македонија