Бендевска од Струга: Се зголемува довербата кај граѓаните да пријават дискириминација

Видливо се зголемува бројот на претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, што е и еден од индикаторите дека граѓаните се здобиваат со доверба во работата на Комисијата, истакна денеска претседателката Весна Бендевска.

На денешната средба со граѓани, претставници на граѓанскиот сектор и локалната самоуправа во Струга рече дека од формирањето на Комисијата, пред две ипол години, до сега работеле на околу 850 претставки.

Оваа година до крајот на септември Комисијата работеше на околу 430 претставки за разлика од лани, кога вкупниот број на претставки за 12 месеци беше 320. Еклатантно се зголемува бројот на претставки, кои се поднесуваат пред Комисијата, изјави Бендевска пред почетокот на средбата.

Целта на средбите, според неа, е граѓаните и невладиниот сектор да бидат запознаени со работата на Комисијата, да биде претставен Законот за спречување и заштита од дискриминација и наједноставно и најлесно да можат да поднесуваат претставки кога ќе се почувствуваат дискриминирани од страна на органи на државна управа или приватни субјекти.

Комисијата, нагласи Бендевска, работи на неколку случаи на структурна дискриминација, односно кога е зафатена голема популација, како што е недостигот на учебници и необезбедувањето бесплатен превоз на студентите и средношколците од приватните гимназии и факултети.

Посочувајќи со бројки, истакна дека од вкупно 123 потребни учебници, на 1 септември недостигале 46.

Тоа е повеќе од една третина од учебниците во разни одделенија на разни наставни јазици, рече Бендевска.

Токму поради тоа, подвлече, Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, тие ученици немаат еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници и подготвува тужба за заштита од дискриминација против Министерството за образование и наука.

Комисијата донесе одлука и таа се спроведува. Ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес заради недостиг на учебници. Она што го констатиравме во своето работење. Во тој случај Комисијата ќе е една странка од спорот и започнува со стратешко застапување на интересите на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно МОН. Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници, изјави Бендевска.

Во однос на претставките на граѓаните со бугарска самосвест, рече дека значително се намалени, но во пораст бил бројот по други дискриминаторски основи.

OhridNews

ОСТАНАТИ ВЕСТИ