Блинкен: Објавата на Путин за „Новиот СТАРТ“ е длабоко несреќна и неодговорна

Одлуката на Русија да го суспендира членството во договорот за контрола на нуклеарното оружје е неодговорна и САД внимателно ќе следат што прави Москва, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен.

-Најавата на Русија за суспендирање на нејзиното членство е длабоко несреќна и неодговорна, изјави Блинкен во Атина. „Внимателно ќе следиме што конкретно прави Русија. Се разбира, ќе се погрижиме во секој случај да сме подготвени да ја заштитиме безбедноста на нашата земја и безбедноста на нашите сојузници“, додаде тој.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска, во говорот за состојбата на нацијата, упати нуклеарно предупредување до Западот поради Украина, суспендирајќи го билатералниот нуклеарен договор, објавувајќи дека новите стратешки системи се ставени во борбена готовност и најавувајќи дека Москва ќе продолжи со нуклеарните тестови.

Путин во говорот кажа дека Русија го суспендира членството во договорот „Нов СТАРТ“, последниот голем пакт за контрола на оружјето меѓу Москва и Вашингтон што го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави во арсеналот на двете најголеми нуклеарни сили. Договорот истекува во 2026 година.

Блинкен ја остави вратата отворена за преговори во било кое време.

-Остануваме подготвени за разговори со Русија за ограничување на стратешкото оружје, без разлика на сè друго што се случува, било во светот или во нашите односи, рече тој. „Светот очекува најголемите нуклеарни сили да се однесуваат одговорно“, додаде шефот на американската дипломатија од Атина, каде имаше средба со својот колега Никос Дендиас.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *