Цената на нафтата во пораст, откако и натаму е голема заканата за израелски напад врз иранските нафтени постројки

Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари до 78 долари, имајќи предвид дека не помина заканата од израелски напад врз иранските нафтени постројки, а аналитичарите проценуваат дека влијанието на сојузниците врз Тел Авив слабее.

На лондонскиот пазар по пладне барелот се тргуваше по повисока цена од 1,20 долари од вчерашното затворање од 77,78 долари. Речиси за исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 74,40 долари.

Стравот од израелски напад врз нафтената инфраструктура на Иран стивна во последните денови, со изјавата на американскиот претседател Џо Бајден на крајот од минатата недела дека ако тој е на местото на Израел, ќе избере друга цел.

Во средата, американскиот претседател телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а аналитичарите на АНЗ заклучија дека расте стравот дека влијанието на сојузниците врз израелската стратегија еродира.

Разговорот беше „директен и многу продуктивен“, им рече на новинарите портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, признавајќи сепак дека Бајден и Нетанјаху не се согласуваат за некои прашања и не го кријат тоа.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант по разговорите изјави дека нападот врз Иран ќе биде „смртоносен, прецизен и неочекуван“.

Арапските земји во Персискиот залив лобираат во Вашингтон да го спречат израелскиот напад врз нафтените постројки во Иран, стравувајќи дека и нивната инфраструктура може да биде нападната доколку конфликтот ескалира, изјавија три извори.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ