Велика Британија од јануари е во рецесија, но таа ќе биде пократка и помалку тешка отколку што се претпоставуваше, објави денеска Банката на Англија.
Се очекува рецесијата да трае нешто повеќе од една година, бидејќи се намалуваат сметките за енергенсите, а цените бавно растат, што може да резултира со помал раст на невработеноста и помалку отпуштања.
Банката на Англија ги зголеми каматните стапки од 3,5 на четири отсто, што е највисоко ниво во изминатите 14 години.
Тоа е 10-то зголемување на трошоците за задолжување и ќе го зголеми притисокот врз многу домаќинства кои веќе се соочуваат со зголемени животни трошоци.
Централните банки ги зголемуваат каматните стапки за да се справат со инфлацијата, што во Велика Британија изнесува 10,5 проценти, што е највисока стапка во изминатите 40 години. (МИА)