Претседателот на Република Српска, Мирослав Додик денеска во Долна Градина изјави дека минатиот век бил век на српските страдања, а дека овој век ќе биде век на српското обединување, истакнувајќи дека Република Српска има намера да се осамостои и да се обедини со Србија.

„Никој нема да не спречи во тоа, бидејќи тоа е наше право и наша историја… Државата е клучниот збор на нашата слобода и затоа сакаме јасно да кажеме дека не е илузија или закана за никого дека Република Српска ја изразува својата народна волја за формирање на својата држава, бидејќи не можеме да живееме во Босна и Херцеговина, која не пристиска и ги загрозува нашите слободи“, рече Додик, обраќајќи им се на присутните.

Тој оцени дека Србите „нема да опстојат на овие простори, доколку Република Српска не биде независна во наредните години“.

„Ќе ја направиме Република Српска држава во мир, без конфликти и војна. Не можеме да живееме во Босна и Херцеговина“, оцени Додик, додавајќи дека нема ништо против Бошњаците и Хрватите.

Додик понатаму рече дека Србите биле најголемите жртви во минатиот век, од Првата светска војна до војните што избувнаа за време на распадот на поранешна Југославија.

Повтори дека за него не се случил геноцид во Сребреница, туку дека тоа е злосторство, за кое одговарале поединци.

Тој ги повика претставниците на западните земји да го прифатат ставот дека Србите од Република Српска „не можат да живеат во Босна и Херцеговина“, бидејќи, како што рече, „концептот за државјанство во Босна и Херцеговина е антисрпски проект, кој треба да го елиминира српскиот народ од овие простори“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

33 Comments

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *