Договорот „Нов СТАРТ“ ја ограничува количината на вооружувањето и обезбедува меѓусебна контрола

Договорот „Нов СТАРТ“, чие прекинување на учеството од страна на Русија денеска го најави претседателот на таа држава Владимир Путин, се однесува на намалување и контрола на стратешкото нуклеарно вооружување.

Договорот ги обврзува Москва и Вашингтон на максимум 1.550 стратешки нуклеарни боеви глави на распоредени интерконтинентални балистички ракети или распоредени балистички ракети на подморниците, максимално 700 распоредени ICBM, SBLM и распоредени тешки бомбардери и 800 распоредени и нераспоредени ICBM лансери и SLBM лансери и тешки бомбардери опремени за нуклеарно вооружување.

Според тој договор, секоја страна може да спроведе до 18 инспекции на локации за нуклеарно оружје годишно за да се увери дека другата страна го почитува договорот, иако и двете страни се согласиле да ја паузираат таа одредба во март 2020 година поради пандемијата на коронавирус, пренесува порталот „Washington Examiner“.

Двете страни требаше да се сретнат минатиот ноември во Египет за да започнат разговори за продолжување на инспекциите, но руската страна тоа го одложи.

„Се разбира, настаните што се случуваат во и околу Украина во овој случај имаат влијание врз тоа. Контролата на вооружувањето и дијалогот во оваа сфера не можат да не трпат поради тоа што се случува, а пошироката слика, која е доста комплицирана и во голема мера вознемирувачка, ја одигра својата улога“, изјави тогаш рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Порталот потсетува дека тогашните претседатели на САД и Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, во 2010 година потпишаа договор за управување со нивниот нуклеарен арсенал, и дека се согласиле да го продолжат на уште пет години неколку дена пред истекот во февруари 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека ќе го прекине учеството на Русија во договорот „Нов СТАРТ“.

„Повторувам, не се повлекуваме, само го прекинуваме своето учество“, рече Путин.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *