Еден загинат, над 40 повредени во сообраќајна несреќа во Србија

Едно лице загинало, а над 40 се повредени во судирот меѓу автобус и патнички автомобил што се случил на пристапниот пат што води од Младеновац до автопатот и клучката Мали Пожаревац кон Белград.

Сообраќајната несреќа се случила околу 5:30 часот, соопштија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството за внатрешни работи на Србија.

Според податоците на српското МВР, 36 повредени се во Ургентниот центар, а 12 се во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.

Дачиќ: Најверојатно возачот е виновен за несреќата

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека според првичнитеизвештаи на сообраќајната полиција, најверојатно за несреќата е виновен возачот на автомобилот кој се судрил со автобусот.

Дачиќ, гостувајќи на телевизија Пинк, рече дека според информациите што ги добил од полицијата, возачот на автомобилот излетал на спротивната лента и директно удрил во автобусот.

Тој апелираше до сите учесници во сообраќајот да бидат многу внимателни и изјави дека контролата во сообраќајот е зголемена веќе неколку дена.

Српскиот министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ изјави дека министерството со кое раководи и српското МВР со месеци работат на измените на Законот за безбедност во сообраќајот, со кои значително ќе се зголемат казните за арогантните возачи и оние кои не почитуваат прописите.

„Време е оние кои се однесуваат дрско во сообраќајот да ја предвидат мерката за одземање на нивните автомобили. Мислам на оние кои возат од спротивната страна на автопатот, кои возат брзо во населени места, училишни зони и пешачки премини. Престигнување камиони на автопат исто така ќе биде забрането“, рече Весиќ во гостувањето на ТВ Прва.

Тој наведе дека со заострените казнени мерки сигурно ќе се намали бројот на сообраќајни незгоди и додаде дека Министерството инсистира да се ограничи бројот на коњски сили на автомобилите што можат да ги возат лицата помлади од 25 години.

„Голем број на луѓе кои гинат во сообраќајни несреќи се млади луѓе кои користат автомобили кои не знаат да ги возат со своето возачко искуство, па затоа е потребно дополнително затегнување“, рече Весиќ.

Истрагата за сообраќајната несреќа е во тек.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ