Ердоган: Турција никогаш нема да ја заборави меѓународната солидарност по земјотресот

Турција никогаш нема да ја заборави солидарноста што ја покажаа Европската Унија и другите меѓународни организации по земјотресот што на 6 февруари ги погоди јужните турски провинции, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, јавува Анадолија.

-Никогаш нема да ја заборавиме солидарноста што ја покажаа сите наши пријатели, ЕУ со нејзините институции, нејзините земји членки и кандидати, Обединетите нации и другите меѓународни организации, во овие тешки денови, рече Ердоган во видео обраќањето на Отворање на Меѓународната донаторска конференција., одржана во Брисел.

Меѓународната донаторска конференција беше организирана од Европската комисија и Шведска, која претседава со ЕУ, за да им даде поддршка на жртвите од разорните земјотреси во Турција и Сирија.

– Оваа конференција е уште еден пример за тоа колку добро се развиени односите меѓу нашите народи, рече Ердоган. Тој потсети дека Турција е дом на повеќе од четири милиони бегалци, меѓу кои 3,5 милиони Сиријци.

-Денес, додека ги лекуваме раните од „катастрофата на векот“ во нашата земја, се солидаризираме со сирискиот народ кој исто така беше погоден од земјотресите, рече Ердоган и додаде: Ги обезбедуваме потребните капацитети на трети страни и на други земји за транспорт на хуманитарна помош по копно и воздух за настраданите од земјотресот во Сирија. Ќе продолжиме со таквиот пристап и во иднина, рече турскиот претседател.

Европската комисија денеска вети една милијарда евра за реконструкција на областите погодени од разорните земјотреси во февруари на југот на Турција.

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен во своето обраќање на отворањето на Меѓународната донаторска конференција во Брисел повика на поддршка за подрачјата погодени од земјотресот во Турција и Сирија.

– Со задоволство можам да објавам дека Европската комисија ќе ја поддржи Турција со една милијарда евра за реконструкција по земјотресот, најави Фон дер Лајен.

Таа најави дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и рано закрепнување во Сирија.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Турција на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш. Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија јужна Турција се искачи на 50.096.  Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција се засегнати од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.При истите земјотреси, во Сирија загинаа најмалку 4.500 луѓе, а повеќе од 8.700 беа повредени.​​​​​​

ОСТАНАТИ ВЕСТИ