ЕУ усвои пакет санкции против сторителите на сексуално и родово базирано насилство

Европската унија усвои пакет санкции против сторителите на сексуално и родово базирано насилство за да ја зајакне глобалната одговорност, изјави високиот претставник за надворешни работи Жозеп Борел во име на Европската комисија.

– Се поголемото угнетување на жените и девојките на глобално ниво и нападите врз нивните човекови права се алармантни. Ние стоиме со жените во Иран, чии слободи се систематски ограничени, и со оние во Авганистан, каде талибанците се обидуваат да го избришат присуството на жените и девојките од јавниот простор, како и секаде во светот каде што се загрозени или негирани основните права и слободи на жените, нагласи тој.

Како што рече тој, ЕУ е „длабоко загрижена“ од извештаите дека руските вооружени сили користат сексуално насилство врз жените и децата во Украина како воено оружје.

– Овие дејствија претставуваат воени злосторства и сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Ќе продолжиме да работиме со нашите меѓународни партнери за да ја натераме Русија да плати за овие злосторства, рече Борел.

Европскиот портал Политико пишува дека во рамките на овие мерки ќе се најдат девет поединци и три организации, кои ќе бидат дел од режимот на санкции за човекови права и дека ова е првпат оваа рамка да се користи за казнување на насилството врз жените.

ЕУ, исто така, соопшти дека донела важни одлуки за да се осигура дека жените во ЕУ имаат исти можности како и мажите.

На пример, со новите правила на ЕУ за рамнотежа на половите во корпоративните одбори или транспарентноста на платите, желбата на Унијата е да постави правила на ниво на ЕУ за борба против насилството врз жените и семејното насилство. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ