Филипче од Охрид и Струга ја започна теренската кампања за претседател на СДСМ

Кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче од Охрид и Струга ја започнал својата кампања и во план има со посета на локалните организации и низ разговори со членството да ја добие поддршката и да биде избран за лидер на партијата на изборите што се закажани за 30 јуни. Во неговата програма пишува дека раководството на локално ниво ќе се избира по истиот принцип како и при изборот на лидер на СДСМ.

Филипче пред членовите на партијата во Охрид и Струга ја претставил програмата за претседател ветувајќи дека СДСМ ќе биде ефикасна и функционална партиска организација која ќе работи во интерес на членовите и граѓаните.

„На вчерашните средби, проф. д-р Филипче, ја презентираше првата поголема реформа, во делот на демократизацијата на изборот на претседатели на општински организации. Во програмата е предвидено тие да се бираат на внатрепартиски избори на ист начин како и претседателот на партијата. Тој вели дека само така ќе бидат избрани оние кои имаат најголема поддршка од членовите на СДСМ. Оваа реформа ќе доведе до поефикасно лидерство, подобра застапеност на гласовите на членовите на партијата и следствено посилен и пообединет СДСМ“, вели Филипче во своето соопштение и додава:

„Јас не верувам во наметнати решенија туку во инклузивни политики на менаџирање. Довербата во членството и граѓаните ќе ја вратиме со достапност, отвореност, одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери“.

Тој вели дека неговата програма предвидува новини кои партијата ќе ја направат подемокртска и потранспарентна, како за членството, така и за јавноста, со што ќе се врати довербата во партијата.

„Со воведување внатрешни избори за позициите на претседатели на општински организации, ќе ја зголемиме довербата меѓу членовите и граѓаните, ќе ги избереме најдобрите кадри со најголема поддршка, ќе обезбедиме и ќе ја вратиме довербата на јавноста во нашата партија. Новото раководство на партијата ќе дефинира јасни насоки и правила за внатрешниот изборен процес, обезбедувајќи транспарентност и правичност“, вели дека пишува во неговата програма.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ