Генерален штрајк во Грција поради железничката несреќа

Двата најголеми грчки синдикати на вработените во државниот (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), како и синдикатот на Комунистичката партија (ПАМЕ), утрово започнаа 24-часовен генерален штрајк, што ќе ја парализира Грција.

Причината, како и на протестите во изминатите две седмици, така и на минатонеделниот штрајк, така и денеска е железничката несреќа со 57 жртви што се случи на 28 февруари кај Темпи, а синдикатите порачуваат дека „криминалот нема да се прикрие“.

Денеска во Грција не функционираат државните служби, затворени се училиштата, бродовите и траектите се закотвени на пристаништата, проблеми има во авионскиот сообраќај со откажани летови, поради штрајкот на контролорите на летање, а јавниот превоз во Атина ќе работи само неколку часа.

Во штрајкот учествуваат и синдикатите на вработените во државните болници, како и студентски здруженија и организации.

Паралелнио, закажани се протести, како во Атина, така и во другите грчки градови.

Генералниот штрајк го поддржаа и новинарите, организирани од нивните здруженија и како што е пракса во изминатите години, нивниот прекин со работата беше ден претходно, односно вчера, за да можат денеска да ги покријат протестите и демонстрациите и да информираат за нив.

Од новинарските здруженија рекоа дека новинарите од целата земја им се придружуваат на грчкото општество и синдикалното движење и го поддржуваат барањето да носат одговорност виновните за железничката несреќа и да се донесат мерки за во иднина да се избегнат слични несреќи.

Грција вчера беше без вести и информативни емисии, а новинарите, штрајкот го завршија во пет часот утрово.

Железничката несреќа што пред две седмица се случи кај месноста Темпи во близина на градот Лариса, а во која загинаа 57 лица, сè уште предизвика бурни реакции кај Грците.

Еднодневен штрајк се одржа и минатата среда, меѓутоа тогаш, го организираше само синдикатот на вработените во државниот сектор, а денеска учествува и синдикатот на вработените во приватниот сектор.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ