Италија и се приклучи на Грција во чување на македонското небо

Авиони на италијанската армија ќе патролираат по македонското небо. По Грција и Италија се вклучи во заштита на небото над Македонија, во рамки на колективната одбрана на НАТО за заштита на небото над земјите-членки. Техничкиот договор за вклучување на италијанските воени воздухопловни во рамки на НАТО за патролирање над македонската територија официјално беше потпишан денеска од страна на министрите за одбрана на двете земји.

  • „Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство кои зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело. Италијански и грчки воени воздухоплови во координација со македонското воено воздухопловство ја гарантираат безбедноста на небото над Република Северна Македонија. Почитуван колега Кросето, изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, а фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказа за целосна меѓусебна доверба“, изјави, Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Македонија.

Според Петровска системот на колективна одбрана е еден од клучните предности кои произлегуваат од членството во НАТО.

За италијанскиот министер потпишувањето на денешниот договор е историски чин за италијанска одговорност за македонското небо.

  • „Италија заедно со Грција ја презедоа одговорнста за небото над Македонија и ова сведочи повеќе од кој и да е збор за тоа колку е важно да се биде дел од НАТО. Бидејќи да се биде сојузник значи да овозможиш твоте сили да ги бранат другите земји секогаш кога има потреба од тоа. Италија е почестена да работи во таа насока и почестена е што Северна Македонија ни ја даде својата доверба“, изјави Гвидо Кросето, министер за одбрана на Италија.

Првиот прелет на авиони на НАТО за заштита на македонското небо, кои беа дел од грчкиот воздухопловен винг, се случи во мај 2019, пред земјата и официјално да стане членка на Алијансата. Две години потоа, во декември 2021 Македонија официјално стане дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање.

Италија досега во рамки на „аир полисинг“ на НАТО ги чува небата на Албанија, Словенија, Исланд, а нејзините ловци Ф-35 од неодамна се распоредени и во Полска за заштита на небото над источното крило на НАТО.

Воени авиони на Грција освен македонското го штитат и небото над Црна Гора и Албанија.

Мисијата за воздухопловно патролирање на македонското небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции на Алијансата, кој се наоѓа во Шпанија.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ