Италијанската агенција за заштита на податоци денеска објави дека отворила истрага против апликацијата ChatGPT на OpenAI поради сомневање за прекршување на правилата за собирање податоци на корисниците и дека поради тоа привремено ја ограничила употребата на личните податоци на италијанските корисници.
Агенцијата го обвини и ChatGPT, кој е финансиски поддржан од Мајкрософт, дека не ја проверува возраста на своите корисници, наведувајќи дека треба да биде наменет за луѓе над 13 години.
Италијанската агенција наведе „отсуство на каква било правна основа што го оправдува масовното собирање и складирање на лични податоци со цел „обучување“ на алгоритмите кои се во основата на работата на платформата“.
Од објавувањето минатата година, ChatGPT предизвика „технолошки лудило“, што ги натера ривалските компании да лансираат слични производи, додека други се обидоа да го интегрираат истиот или слични технологии во нивните сопствени апликации и производи.
Апликацијата достигна околу 100 милиони активни корисници во јануари, само два месеци по нејзиното лансирање, што ја прави најбрзо растечката апликација во историјата, според студијата објавена минатиот месец.