Ќе се реконструира Заводот за нефрологија во Струга

Нешто над 24 милиони денари ќе бидат вложени во болницата за Нефологија од Струга со цел да се реконструира централниот и објектот во кои се врши хемодијализа што се наоѓа во близина на езерото, првенствено со цел да се подигне енергетската ефикасност на овој значаен болнички центар, но и да се подобрат условите за вработените и пациентите.

Ова денес е официјализирано со потпишувањето на договорот за реализација на овој капитален објект, што од страна на Министерството за локална самоуправа го потпиша министерот Ристо Пенов и директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, институција која е носител на проектот.

Министерот Пенов смета дека со реконсктрукцијата, која според него, се прави 60 години по изградбата на Специјалната болница за нефрологија, ќе се зголеми капацитетот од 200 на 1.000 пациенти годишно.

Со реализацијата на предвидените активности значајно ќе се подобрат условите и развивање на можностите на здравствениот туризам бидејќи овој објект во минатото бил користен од страна на значаен број на посетители кои престојувале на брегот на Охридското Езеро, а имале потреба од вршење на хемодијализа, рече министерот Пенов.

Во контекстот на подигнување на условите за ваков вид на туризам, како значајни инвестиции во овој дел на регионот, Пенов ги спомена и реконструкциите на објектите на болницата за Кардиологија во Охрид и за белодробни заболувања во Преспа.

Согласно изработениот технички проект средствата ќе бидат вложени во замена на ПВЦ столаријата и вградување на системи за кислород, производство на санитарна топа вода, како и производство на електрична енергија преку инсталација на 40 Кw фото-напонски систем, истакна Мирјана Лозаноска од Центарот за развој, претставувајќи ги пред присутните проектните активности.

Покрај тоа значаен дел на средства ќе бидат вложени во целосна реконструкција на објектот покрај езерото со цел да подигнат условите за вршење хемодијализа за пациентите од околината, но и за посетителите што имаат такви потреби, а сакаат да престојуваат во охридско-струшкото крајбрежје.

За директорот на болницата, Александар Попоски, реконструкцијата ќе значи многу за иднината на пациентите и граѓаните коишто ги користат услугите.

Се надевам и понатаму на идни проекти коишто ќе донесат добро за граѓаните, за развој на здравствен туризам, за дијализа и за подобрување на условите на пациентите што се кај нас на дијализа, како и на понатамошна успешна соработка со министерствата за здравство и локална самоуправа и општинската организација во насока на тоа дека заедно сите можеме многу подобро и многу повеќе, рече Попоски.

Благодарност за поддршката на овој проект изрази и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој заедно со Попоски истакнаа дека ова е значајно вложување во болницата за Нефрологија од нејзиното основање од пред четири и пол децении.

Средствата за реконструкција се обезбедени од централниот буџет на државата, Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Струга, како и од сопствени средства на болницата.

OhridNews

ОСТАНАТИ ВЕСТИ