Најбараниот криминалец на светот се криел во Белград, сосед му бил висок функционер на српското МВР

„Кралот на криптовалутите“ До Квон, кој на 23 март годинава беше уапсен во Црна Гора под обвиненија за измама тешка неверојатни 60 милијарди долари, извесно време живеел меѓу елитата на Белград, пишува српска „Нова“ цитирајќи го „Ди-ел њуз.“

До Квон, еден од најголемите измамници на сите времиња по кого трагаа властите на три земји – неговата родна Јужна Кореја, Сингапур и САД – се криел во Белград заедно со својот најблизок соработник Хан Чанг Џун пред да бидат уапсени кога сакале да побегнат во Дубаи со приватен авион од аеродромот во Подгорица.

Квон го бараат властите на неколку земји поради неговата улога во колапсот на „Тера“ во мај минатата година, што ги чинеше инвеститорите неверојатни 60 милијарди долари. Хан беше финансиски директор на негвата компанијата „Тераформ лабс“.

Како сопственик и извршен директор на „Тераборм лабс“, До Квон, мозокот зад криптовалутата TerraUSD и токенот Luna, го привлече вниманието на светската јавност откако колапсот на неговиот проект предизвика огромен пад на целиот пазар на криптовалути.

„TeraUSD и Luna пропаднаа во мај 2022 година, бришејќи ја пазарната капитализација од речиси 45 милијарди долари за една недела и предизвикувајќи загуби од стотици милијарди на глобалниот пазар на криптовалути.

Хан Чанг Џун во српската престолнина купил луксузен стан-дуплекс за 2 милиони евра и две паркинг места во комплексот „Амбасадор Парк“ во елитната населба Дедиње.

И додека по нив трагаа повеќе полициски служби, интересно е што нивен сосед во зградата до нив, во комплексот „Амбасадор парк“ во кој живеат дипломати и богаташи, бил висок функционер на српската полиција- началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.

Фото: Руски бизнис клуб

Интересно е што и Амбасадата на Јужна Кореја, која го барала својот државјанин со распишана потерница за измама и за кршење на Законот за пазар на капитал, е на само шест минути возење од станот во кој се криел Квон.

За работите да бидат уште потрагикомични, јужнокорејската веб-страница „Диџитал асетс“ објави дека IP-адресите од кои се пристапувало до профилите на Квон на социјалните мрежи одговараат на адресата на станот во комплексот „Амбасадор Парк“ каде што живееле Квон и Хан.

Не се знае како Квон успеал толку долго да се крие и да ги избегнува српските власти иако Интерпол по него распиша меѓународна потерница во септември.

Иако баран од Интерпол, До Квон понекогаш се појавувал во подкасти и на социјалните мрежи, чувствувајќи се удобно во своето бегство од законот, па дури и дал изјава за „Њујорк тајмс“ на почетокот на март во која вели: „Очигледно знаат каде сум“.

Сега се поставува прашањето за темелноста на истрагата за престојот и движењето на До Квон и неговиот соработник спроведена од страна на српските власти. Како членка на Интерпол, Србија е обврзана да соработува со обвинителите и полицијата од другите земји-членки за лоцирање и апсење на бегалци.

„Ди-ел њуз“ веќе пишуваше дека До Квон го користел вистинското име кога основал нова компанија во Србија, неколку недели откако Интерпол го ставил на својата листа на најбарани бегалци, а Јужна Кореја издаде налог за негово апсење.

Квон и Хан исто така без проблем отпатувале во Црна Гора, каде што пограничната полиција ги открила нивните костарикански пасоши и се посомневала дека нешто не е во ред, по што ги уапсила.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *